/Што е коронарографија и како се изведува

Што е коронарографија и како се изведува

Сподели

Коронарните болести, исхемични срцеви болести настануваат како резултат на намален проток на крв во срцевите коронарни артерии кои го хранат срцето. Во основа на овие болести е атеросклерозата која постепено води до стеснување на коронарните артерии, а со тоа и помалку кислород и хранливи материи за срцевиот мускул. Kако последица на намален проток на крв во коронарните артерии и зголемена потреба на срцето, настануваат првите симптоми и развој на некоја од формите на коронарна исхемична болест, од стабилна ангина пекторис до акутен коронарен синдром и развој на акутен миокарден инфаркт. Познато е дека повеќе од 50% од смртноста на луѓето е предизвикана од исхемични болести на срце.

Кога се прави коронарографија?

Златен стандард за дијагноза на коронарните болести е коронарографија, која е дефинирана како инванзивна процедура со која се визуелизираат коронарните артерии на срцето со помош на контрастно средство вбризгано во самите артерии. Коронарографија се препорачува кај пациенти претходно дијагностицирани за коронарна болест со некоја од неинвазивни дијагностички методи како што е коронарен стрес тест, стрес ехо на срце, 24-часовен холтер мониторинг на срце, КТ–ангиографија. Кај овие пациенти нема итност и се прави планирана коронарографија за одреден временски период. Итна коронарографија се извршува кај пациенти кои имаат еден од облиците на акутен коронарен синдром и знаци за акутен миокарден инфаркт. Не постојат апсолутни контраиндикации за коронарографија. Релативни контраиндикации се: акутна бубрежна слабост, нејасна фебрилна состојба, акутен мозочен удар, тешка анемија, тешка срцева декомпензација, акутна психоза, претходна алергиска реакција на контрастно средство, коагулопатија и акутно крвавење од стомак.

Компликации

Можни компликации од коронарографија се јавуваат во многу мал процент, тие се помали доколку коронарографијата е извршена од искусен тим и во пропишани стандардни услови. Најчести компликации се:

  • Локален мал подлив на место на пункција
  • Срцеви аритмии
  • Алергиски реакции на контрастно средство

Пред интервенцијата

Коронарографија се изведува во стерилни услови во специјална ангиографска сала. По претходна подготовка, земање крвни анализи, подготовка на местото на пункција, премеди- кација, пациентот се поставува легнат на грб и се покрива со стерилна компреса. Најчесто пункцијата се изведува на радијална – рака, феморална – препони, брахијална – надлактица на артерија. Пристапот преку радијална артерија на рака обезбедува поголем комфор на пациентот за време интервенција и мобилизирање веднаш по завршување на процедурата како и помалку компликации.

За време на интервенцијата

По локално инјектирање на анестетик околу местото на пункција, се пунктира артеријата со игла преку која се внесува кратка жица во самата артерија. Иглата се отстранува и на жицата се навлекува пластичен воведник или шит кој останува сè до завршување на процедурата. Преку воведникот се внесуваат долги жици водичи и катетри кои се носат, следени преку мониторот, сè до почетниот дел на аортата каде се наоѓаат отворите на двете коронарни артерии – лева и десна коронарна артерија. Со неколку стандардни движења, катетерот се поставува на самиот влез на коронарната артерија по што се вбризгува контрастно средство и на тој начин се визуелизира артеријата со сите свои гранки во вид на ангиографски приказ на мониторот. Се врши ангиографско снимање во повеќе проекции од повеќе агли за да се добие што појасен и пореален приказ на коронарните артерии. Целата процедура трае околу 15 мин. по што се врши анализа на ангиографското снимање, се проценува степенот на стеснетата артерија, квалитетот и должината на стеснувањето и се донесува одлука зависно од наодот.