/ПОЛИПИ ВО НОСНА ПРАЗНИНА

ПОЛИПИ ВО НОСНА ПРАЗНИНА

Сподели

Носните полипи се бенигни, меки и безболни гроздести формации, кои може да се јават во носот или параназалните синуси. Во суштина, носните полипи се доста чести, застапени се кај околу 4% од населението и обично ги среќаваме кај лица од 30 до 40 години

Д-р Александар Лазаревски, оториноларинголог, објаснува дека најчести причини за нивна појава може да бидат алергии, астма, преосетливост на лекови или имунолошки заболувања. Појава на носна полипоза секако може да предизвикаат и фактори од околината, како загаден воздух, чад од цигари, прашина или чести бактериски и вирусни инфекции. Се смета дека околу 20% од пациентите со хроничен риносинузитис (хронично воспаление на носот и синусите) имаат носна полипоза. Иако се бенигни формации, тие може значајно да влијаат врз квалитетот на живот. Мали полипи може и да не предизвикаат никакви симптоми, меѓутоа поради нивната тенденција за раст доведуваат до опструкција на носот и тешкотии при дишење на нос. Медикаментозната терапија може да ги подобри симптомите, но често е потребен хируршки третман за нивно комплетно отстранување.

КОИ СЕ СИМПТОМИТЕ ШТО УКАЖУВААТ НА НОСНА ПОЛИПОЗА?

Покрај отежнато дишење на нос, се јавуваат и: засилена назална секреција, слевање на секрет кон грлото, намалено или изгубено чувство за мирис, главоболки, болки во пределот на лицето, чувство на тежина во челото, ’рчење при спиење и чести инфекции на синусите. „Симптомите се протегаат подолг временски период, можат да доведат и до тешки компликации, како гнојни воспаленија на носот и синусите, тешкотии при дишење за време на спиење, астматични напади, па дури и ширење на инфекции кон окото, нарушување на видот или во екстремни случаи, и воспаление на мозочните обвивки“, објаснува д-р Лазаревски.

КАКО СЕ ДИЈАГНОСТИЦИРА?

Дијагнозата се поставува релативно лесно врз база на симптомите што ги има пациентот и врз основа на оториноларинголошкиот преглед. Во основа, прегледот е ендоскопија на носните ходници, која е безболна, трае само неколку минути и се изведува во амбулантски услови. По потреба се прават и дополнителни испитувања, како алерголошки, лабораториски, микробиолошки тестови, риноманометрија или компјутеризирана томографија на синусите.

КАКО СЕ ЛЕКУВА?

Основната цел на третманот е намалување или целосно отстранување на полипите. Најчесто прв избор е медикаментозниот третман. Препорачуваме употреба на тописки назален кортикостероиден спреј, понекогаш и краткотрајна примена на системски (орални таблети) кортикостероиди. „Доколку со медикаментозниот третман не добиеме задоволителни резултати, се препорачува хируршко лекување. Пред да можеме да планираме каков било оперативен зафат, потребно е да се направи компјутеризирана томографија на носот и параназалните синуси, со цел да добиеме јасна слика за анатомските структури, како и за распространетоста на болеста“, вели д-р Лазаревски.

Ендоскопска синусна хирургија е минимално инвазивен хируршки третман на хроничен синузитис и носна полипоза. За време на оперативниот зафат, користиме ендоскоп за да можеме да ги визуализираме и да пристапиме до носните ходници и синусите. Со комплетно отстранување на полипите и широко отворање на затнатите синуси, се овозможува значајно подобрување на назалниот воздушен проток, чувството за мирис и намалување на можноста за појава на синусни инфекции. За жал, понекогаш и покрај успешниот оперативен третман, кај некои пациенти може да се случи повторна појава на полипи. Затоа од голема важност се редовни постоперативни контроли, како и пронаоѓање и елиминирање на предизвикувачкиот фактор и примање на соодветна терапија, доколку е потребно.